Руските рубљи ја „селат“ Грос во ЦСКА

Најдобриот стрелец во Лигата на шампионите, Ана Грос, најверојатно од следната сезона ќе ги брани боите на рускиот тим ЦСКА Москва.

29-годишната словенечка репрезентативка ја игра третата сезона во францускиот Брест Бретањ, но таму на лето ќе има големи промени и намален буџет, пишува „Л’екип“.

Тоа значи дека договорите на најплатените ракометарки, Грос и Гулден, нема да бидат продолжени. Амбициозната ЦСКА Москва на десната бековска позиција ја има руската репрезентативка Антонина Скоробогатченко, но Русите посакуваат уште еден бек шутер.

Грос сезонава постигна 67 погодоци на девет натпревар за францускиот тим и ќе се бори за титулата најдобар стрелец.

Покрај Грос и Гулден, од Брест ќе замине една од голманките – Сандра Тофт или Клеопатра Дарле, а раководството на овој тим ќе ја продолжи соработката со полската репрезентативка Моника Кобилинска и францускиот лев бек Калидиату Ниакате.