ЕП 2020: Русија со фуриозен втор дел против „фуријата“, Германија и без селектор ја победи Романија

Репрезентациите на Германија и Романија го отворија Европското првенство 2020 за жени кое се игра во Данска со дуел од групата Д. Во рамки на групата Б се играше дерби дуелот помеѓу Шпанија и Русија.

Шпанија подобро влезе во натпреварот, го имаше почетното водство и сè до 10. минута имаше контрола на резултатот и највисоко водство од три гола 7:4. Сепак Русија возврати и со серија 3:0 стигна до израмнување.

Следуваше период со грешки во нападот на двете страни, после период од четири минути без гол Шпанија ја врати предноста што ја имаше и во 24. минута беше 11:8. Откако репрезентативките на Шпанија заработија две исклучувања тоа го искористија Русинките и до крајот на полувремето стигнаа до првото водство. На полувреме беше 12:11 за Русија.

Во второто полувреме доминираше репрезентацијата на Русија, рано се одлепи на 20:15 предност која без проблеми ја чуваше. Во периодот од 45 до 55 минута Шпанија постигна само два гола што Русија го искористи да слави убедлива победа. Најефкиасни во составот на Русија беа Дмитриева, Бобровникова и Кожокар со по четири гола. Во селекцијата на Шпанија исто така со по четири гола најефикасни беа Пена и Гутиерез.

Германките имаа убедлив почеток на мечот, поведоа со 4:0, а потоа и 7:1, во почетните минути Романија имаше доста проблеми со реализација на нападите. Сепак Романките брзо се вратија во и во 15. минута намалија на 5:8.

Преполовената позитива на Германија беше знак за стручниот штаб, кој патем беше без селекторот Гренер, да побара тајм аут и да го сопре налетот на противникот. Тоа донесе резултат и до крајот на првиот дел Германија успеа да ја задржи предноста од три гола. По 30 минути игра беше 13:10.

На крајот се покажа дека предноста од првиот дел на Германија беше доволна за конечен триумф. Романија се закани, стигна до израмнување, но немаше сили за целосен пресврт и Германките ја остварија првата победа на отварањето на првенството.