Русија се испоти за триумф над Чешка, Норвешка немаше милост за Германија

Во рамки од 2. коло на групата Д се сретнаа репрезентациите на Норвешка и Германија, селекции кои во првото коло остварија победи. Во дуел од групата Б, силите ги одмерија Русија и Чешка.

Норвешка имаше фуриозен настап против Германија, доминираше во текот на целиот натпревар и славеше убедлива победа 42:23. Норвежанките поведоа 3:1 и 7:4 и таа предност се одржуваше до 14. минута, следуваше серија од три гола и Норвешка веќе имаше шест позитива во 20. минута. На полувреме беше 22:14.

Норвешка продолжи со својата препознатлива брза игра и во вториот дел на што Германија немаше одговор. Од минута во минута растеше разликата и до крајот достигна огромни 19 гола. Најефикасна беше Нора Мерк со 12 гола, а Камила Херем постигна седум погодоци. За Германија најефикасна беа Емили Болк и Ксениа Смитс со по четири гола.

Русија имаше доста проблеми да стигне до втората победа но сепак славеше над Чешка со 24:22. Чешка имаше подобро отварање и почетно водство, но во последните десет минути од првото полувреме Русија го презема водството и на полувреме имаше предност 15:13.

И во вториот дел Русинките го контролираа резултатот, во неколку наврати Чешка успеа да израмни, но немаше сили за пресврт. Во 55. минута Русија со голот на Маслова поведе 23:19 и веќе ја обезбеди победата. За Русија по три гола постигнаа Ведехина, Самохина, Манагарова и Дмитриева. Во репрезентацијата на Чешка Јерабкова со шест гола беше најрецизна, а добро издание имаше голманката Кудлачкова со 16 интервенции и беше играч на натпреварот.