Русија загуби од Аргентина, Атман пак се повреди?! (ВИДЕО)

Руската репрезентација во рамките на ЕХФ неделата игра на турнир во Аргентина, заедно со домаќинот, Полска и Шпанија Б. Во првото коло избраниците на Едуард Кокшаров загубија со 24-22 од домаќинот, иако имаа минимална предност на полувреме 12-11.

Најдобар стрелец беше вардарецот Данил Шишкарев, додека Глеб Калараш даде еден погодок. Сергеј Горпишин не влегуваше во игра, но се чини дека најголеми маки за Вардар предизвикува Павел Атман.

По црвениот картон на Дмитри Житњиков во 10. минута, Кокшаров го внесе во игра Атман, но тој одигра само еден напад и до крајот на мечот не влезе во игра.

Откако еден од аргентинските ракометари грубо стартуваше, средниот бек на Вардар остана да лежи на подот, држејќи се за задната ложа. По некое време, Атман стана, мина уште неколку секунди во нападот, но Кокшаров викна тајм-аут, а потоа вардарецот не се врати во игра до крајот на мечот.

Дали се работи само за превентива од поголема повреда, или навистина Атман ќе мора да паузира, останува да видиме во следниот период. За потсетување, Тимур Дибиров и Сергеј Горбок не се дел од руската селекција поради повредa.