Романците тврдат: Неагу не сака(ла) да игра против Македонија!

Иако женската репрезентација на Романија уште во понеделникот ги започна подготовките за бараж двомечот со Македонија, тамошните медиуми се до денеска беа посветени на елиминацијата на ЧСМ Букурешт од ЦСКА Москва во Лигата на шампионите.

Дури денеска низ романските медиуми се појавија статии за дуелот меѓу Македонија и Романија. „Про Спорт“ пишува дека ѕвездата на романскиот ракомет, Кристина Неагу, размислувала да направи пауза од настапите за националниот тим и да ги пропушти дури и дуелите против Македонија, што се решавачки за пласманот на СП.

„Кристина Неагу е психички и ментално скршена! Таа се чувствува уморно, и фактот што ЧСМ не се пласира на Ф4 во ЛШ ја погоди многу. Не сме изненадени што таа откри дека сака пауза од националниот дрес, сериозно размислуваше дури да не игра ниту против Македонија. На крајот, се предомисли, но тоа беше во последен момент“, велат за „Про Спорт“ извори од романската репрезентација.

Првиот дуел меѓу Романија и Македонија од бараж двомечот за СП се игра утре во Букурешт од 17:00 часот, додека реваншот е на 21 април во Скопје.

Неагу: Размислувам да паузирам со настапите за репрезентацијата…