Романките бунтуваат: Ако нема премии – нема да играме за репрезентацијата!

Репрезентацијата на Романија забележа две победи во септемврискиот квалификациски циклус за EП 2020 (над Украина и Фарски Острови), но и покрај тоа ракометарките побараа состанок со претседателот на федерацијата, Александар Деду на аеродромот пред заминувањето за Фарските острови.

Крина Пинтеа го повикала претседателот и го известила дека ракометарките не сакаат да одат на гостувањето од квалификациите бидејќи тој го нема исполнето ветувањето. Тој пристигнал веднаш и некако успеал да ги убеди да отпатуваат на натпреварот.

Незадоволството во репрезентацијата е затоа што федерацијата сè уште им ги нема исплатено парите кои им беа ветени во декември 2018 за пласманот на Европското првенство. Ракометарките и за пласманот на Светското првенство во Јапонија требаше да добијат секоја по 2.000 евра, но засега нема ништо од тоа.

По повредата на главниот играч Кристина Неагу никој не ги споменуваше парите, но и после девет месеци федерацијата на Романија ги нема наградено своите ракометарки. Претседателот Деду како главна причина за оваа ситуација ги посочува промените во законите на Министерството за млади и спорт кое единствено може да ја исплати наградата.