Рогановиќ: Сакаме да одиграме одличен Мундијал и да се пласираме на Олимписките игри

Репрезентацијата на Црна Гора, која на Европското првенство во Унгарија и Словачка беше едно од најпријатните изненадувања на континенталниот собир, имаше успешен старт во квалификациите за ЕП 2024 и со две победи, против БиХ и Косово, веќе со една нога се наоѓа пред пласман на шампионатот во Германија.

Селекторот на Црна Гора, Зоран Рогановиќ во интервју за црногорскиот портал „CdM“ зборуваше за играта на неговите избраниците во двата квалификациски натпревари, како и за Светското првенство во јануари, на кое Црна Гора ќе има тежок предизвик и ќе игра во група со Шпанија, Чиле и Иран.

Искусниот стратег на Црна Гора се надева дека неговата селекција ќе успее да игра во квалификациите за пласман на Олимписките игри во Париз, но и дека црногорската селекција за првпат ќе обезбеди настап на најголемата спортска манифестација.

„Сите отворено зборуваме за влез во кругот на селекции кои би се бореле за пласман на Олимписките игри. Мислам дека би направиле одлична работа доколку ги оствариме зацртаните цели. Многу зависи и од ривалите во потенцијалното осминафинале или четвртфинале. Сакаме да одиграме добро првенство и да се пласираме на Олимписките игри. Сите можеме да сонуваме за поголем успех, но треба многу коцки да се поклопат за да се оствари тоа”, изјави Рогановиќ за „CdM“.

Рогановиќ истакна дека повеќе ќе работат на физичката подготвеност, со цел да можат да парираат во текот на целиот Мундијал, бидејќи на Европското првенство во Унгарија и Словенија неговите избраници физички, но и психички се истрошија во натпреварите од главната фаза.

,,Имаме голема самодоверба, со оваа ротација немаме проблем да играме во квалификациите. Сепак, Европските и Светските првенства бараат поголема подготовка. Можам да кажам дека од пред две години работиме со тренер од Шведска, кој е задолжен за физичката подготовка на ракометарите. Тоа е многу важно кога имаш десет натпревари во 18 дена. Сето тоа е напорно и тешко. За тоа зборувавме кога изгубивме од Исланд во главната фаза на ЕП 2022 и дека ја немавме силата што ја имавме на почетокот, а Ковид 19 не спречи да одиграме како што сакаме. Најважно е ракометарите да бидат здрави и физички подготвени”, заврши Рогановиќ за „CdM“.

Црна Гора во својата историја учествуваше само на еден Мундијал и на пет Европски првенства.