Ристовска и ЦСКА Москва рутински обезбедија полуфинале во рускиот шампионат

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, заедно со екипата на ЦСКА Москва обезбедија пласман во полуфиналето од рускиот шампионат.

ЦСКА Москва во четвртфиналето имаше ривал по мерка, играше против Ставропол и двата дуели ги доби убедливо.

Московската екипа на првиот дуел триумфираше со 39:30, додека на реваншот запиша победа, која беше изразена со шест гола разлика, 31:25.

Македонката на двата дуели против Ставропол постигна вкупно девет погодоци и беше една од најзаслужните за обезбедениот пласман меѓу најдобрите четири екипи во плеј-оф фазата.

Екипата на Ристовска за пласман во финалето ќе се бори против некогашниот ривал на Кометал ЃП, Лада Тољати.

Во второто полуфинале ќе играат екипите на Ростов Дон и Ѕвезда Звенигород.