Ристовска и ЦСКА Москва покажаа моќ – го срушија европскиот првак!

Ракометарките на ЦСКА Москва одиграа одличен натпревар на гостински терен во Норвешка против Вајперс Кристијансанд, прославија голема и важна победа од 27:24 во 5. коло од Лигата на шампионите.

Екипата на Вајперс Кристијансанд во поголемиот дел од првото полувреме беше во водство. Избраничките на Флорентин Пера заиграа поангажирано во последните минути од првиот дел и се изборија за нерешен резултат на полувреме, 11:11.

Во вториот дел, ЦСКА Москва од 40. минута, па се до крајот не дозволи нејзиниот противник да се врати во игра. Руската екипа голема помош имаше од голманката, Полина Каплина, која натпреварот го заврши со солидна бројка од десет успешни интервенции.

Македонската репрезентативка Сара Ристовска на овој натпревар имаше 100% реализација, четири гола од исто толку обиди. Одлична партија во дресот на ЦСКА Москва одигра младата Елена Михајличенко со десет гола. На спротивната страна, Нора Мерк беше најефикасна со девет гола.

Во вториот натпревар од Групата Б, Ѓер славеше на гостувањето во Франција кај Мец со 33:29. На полувреме предноста на унгарскиот тим беше само еден гол позитива, 16:15. Со остварената победа против Мец, Ѓер се зацврствува на првата позиција во својата група со десет бода. Во останатите натпревари кај дамите на победа се радуваа екипите на Ростов Дон, ФТЦ Будимпешта и Есбјерг.

Резултати, Лига на шампиони – жени, 5 коло:

ГРУПА А

РОСТОВ ДОН – БОРУСИЈА ДОРТМУНД 37:27 (17:11)
ФТЦ БУДИМПЕШТА – БРЕСТ БРЕТАЊ 28:27 (15:17)
ПОДРАВКА – ЕСБЈЕРГ 26:27 (9:15)

ГРУПА Б

ВАЈПЕРС КРИСТИЈАНСАД – ЦСКА МОСКВА 24:27 (11:11)
МЕЦ – ЃЕР 29:33 (15:16)