Ристовска и ЦСКА Москва обезбедија место на завршниот турнир во Купот на Русија

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска со ЦСКА Москва обезбедија пласман на завршницата во Купот на Русија откако во четвртфиналниот натпревар беа убедливи против екипата на Дворец, во која главно настапуваат аматерки и ветеранки, со резултат 43:22.

Во одлично светло се претстави големата надеж на ЦСКА Москва, Рабазулкина. Младата ракометарка беше стрелец на 11 погодоци. Ристовска на овој натпревар постигна четири погодоци.

На овој натпревар екипата на ЦСКА Москва настапи без Ана Седојкина, Катрин Хеиндал, Полина Горшкова и тренерот, Флорентин Пера, кој поради семејни причини не можеше да ги води неговите избранички.

Интересен факт за натпреварот е дека ЦСКА Москва беше предводена од асистентот на Флорентин Пера, Олга Акопјан, која е дел од аматерскиот тим на Дворец, но сега не беше во можност да игра.

Завршницата од Купот на Русија во женска конкуренција ќе се одигра од 9 до 10 април. На завршницата освен ЦСКА Москва ќе учествуваат Ростов Дон и Звезда Звенигород. Последниот учесник ќе биде одреден од натпреварот меѓу Кубан и Универзитет од Ижевск.