Ристовска во борба за Ф4 – против екс вардарките Цвијиќ, Дембеле, Лазовиќ, Кликовац…

Денеска започнуваат четвртфиналните двобои во женската Лига на шампионите, а на програмата се две интересни средби – ЧСМ Букурешт против дебитантот ЦСКА Москва, а европскиот првак Ѓер ќе гостува во Подгорица кај Будуќност.

ЧСМ Букурешт ниту еднаш досега не бил елиминиран кога играл во четвртфиналето, но против рускиот тим со Сара Ристовска, Дмитриева, Масон, Хеиндал, Ведјохина, Илина…сигурно нема сега да има лесна задача.

Но покрај Неагу и Пинтеа, во ЧСМ се екс вардарките Цвијиќ, Дембеле, Лазовиќ, Кликовац…кои знаат како се победува во вакви натпревари и искуството ќе биде на нивна страна.

ЦСКА Москва покажа слабост против словенечкиот Крим во претходната фаза и само за еден гол повеќе обезбеди четвртфинале и сигурно со сите сили ќе се бори да стигне до завршниот турнир во ЛШ.

Ракометарките на Будуќност пак, уште повеќе мотивирани по пласманот на ОИ со Црна Гора, ќе го пречекаат европскиот шампион Ѓер, кој немаше вистински кикс оваа сезона, иако ниту еднаш не играше со полн ростер.

Утре се игра францускиот двобој меѓу Мец и Брест, додека следниот викенд е двомечот меѓу рускиот Ростов и норвешкиот Кристијансанд.