Риниа со пресврт во финишот до триумф над Кичево

Во 4. коло од плеј-аут во Првата лига се сретнаа екипите на Риниа и Кичево, а на победа и на нови три бодови се радуваа ракометарите на Риниа кои славеа со резултат 35:33. Домашната екипа на овој натпревар настапи со само една постава на теренот, но тоа не беше никаков проблем за нова победа.

Почетокот донесе неизвесност и борба за секоја топка. Домаќините беа во предност до првиот дел од првото полувреме при резултат 5:4. Ракометарите на Кичево со голот на Новески за прв пат дојдоа до посакуваното водство од 6:7 и од тој момент почна нивната доминација во првиот дел. На полувреме резултатот беше 19:15 за составот од Кичево.

Во второто полувреме ракометарите на Риниа со серија од 3:0 се вратија во игра и го изедначија резултатот на 20:20 со голот на Емини. За 12 минути избраниците на Драган Којчески постигнаа само два гола во мрежата на противникот и дополнителен проблем беше неорганизираната игра, а течните акции од првиот дел исчезнаа во вториот.

Во последните петнаесетина минути главно ракометарите на Кичево го одржуваа водството од еден до два разлика, сепак Риниа успеа да израмни на 33:33 и минута подоцна, Исмаили направи целосен пресврт со неговиот гол за 34:33. Во последната минута домашната екипа постигна уште еден гол и не дозволи противникот да дојде до изедначување.

Најефикасен ракометар во победничкиот табор беше Христијан Стојчевски со десет гола. Во составот на Кичево најефикасен беше Кристијан Смилески со 13 гола.