Ривера останува селектор на Катар: Петте титули во Азија се еднакви на пет титули со Барселона во ЛШ

Шпанскиот стратег Валеро Риверa ја продолжува соработката со репрезентацијата на Катар.

Ривера донел одлука да продолжи да работи во Катар и неговата задача ќе биде пласман на Олимписките игри во Париз во 2024 година.

Во јануари Катарците станаа шампиони на Азија. За нив ова беше петта титула со 69-годишниот стратег. Во репрезентацијата на Катар Ривера е од април 2013 година. Две години подоцна со голем број натурализирани ракометари тој стигна до среброто на Светското првенство на кое Катар беше домаќин.

„Кога трет пат го освоивме Азиското првенство размислував дали да продолжам. Но, кога ја освоивме четвртата титула сакав да ја освојам петтата титула. За мене лично ова е исто како пет победи со Барселона во Лигата на шампионите. Ова ќе биде мојот последен олимписки циклус. Достигнувањата на Катарците во спортот во последните години се достојни за почит“, изјави Ривера.

Во својата богата кариера Ривера ги водеше Шпанците до титулата светски првак во 2013 година и репрезентацијата на Катар до сребрениот медал на мундијалот во 2015 година.