Ривера го продолжи договорот со Нант, останува до 2024!

Раководството на Нант денеска преку својата клупска страна објави дека капитенот на екипата, левото крило, Валеро Ривера, ја продолжил соработката со клубот.

Искусниот ракометар од Шпанија во францускиот клуб ќе остане до јуни, 2024 година.

Ривера во изјава за клупската страна на Нант истакна дека се чувствува среќен во тимот.

,,Многу сум горд што ќе ја продолжам авантурата во Нант. Престојот во екипата на Нант беше мојот приоритет, овој клуб е мојот дом и можам слободно да кажам дека се чувствувам многу добро и уживам во секој момент со тимот. Сакам да продолжам да доживувам фантастични моменти со екипата и нашите навивачи” изјави Ривера.

Ривера во најголемиот дел од својата кариера настапуваше за каталонскиот гигант, Барселона, како и за неговиот актуелен клуб. Во сезона 2018/19 од редовите на Барселона направи камбек во екипата на Нант.

Во сезона 2020/21 беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 95 погодоци и доби признание во Ол стар тимот како најдобро лево крило во елитното европско натпреварување.