Рибера на слатки маки: Досега никој не кажал дека нема да игра повеќе за Шпанија

Селекторот на Шпанија, Жорди Рибера имаше интересно излагање на виртуелна прес-конференција на која зборуваше за националниот тим.

Тој појасни каков е неговиот принцип при одбирањето на ракометарите за националниот тим. Oсобено поради тоашто Шпанците се европски шампиони и сите ги гледаат и како фаворити за следните големи натпреварувања.

„Кога одбирам играчи за репрезентацијата, јас не гледам на нивните имиња. Според мене важно е тие играчи кои ќе ги одберам да донесат многу за тимот. Важно е да се процени од кои ракометари екипата може да има корист и така да бидат и одбрани“, вели Рибера.

Тој информираше дека сите ракометари кои и досега биле дел од репрезентацијата и понатаму се во комбинација бидејќи истите не го известиле дека планираат да се повлечат.

„Ниту еден ракометар ми нема кажано дека ќе престане да игра за репрезентацијата. Се обидува да формирам тим што ќе даде најдобри резултати. Постојат ракометари кои можат да заземат одредени позиции, а со другите бараме опции. Тешко е да се пронајдат ракометари на високо ниво, па затоа е важно да ги прошириме нивните можности“, вели Рибера, кој може да се каже дека е на слатки маки бидејќи има голем избор на ракометари.

Тој со ракометната федерација на Шпанија има договор до 30 август бидејќи беше врзан со циклус до Олимписките игри во Токио. Со оглед на тоа што истите се одложени до следното лето, но и со оглед на добрите резултати за очекување е истиот да му биде продолжен и да остане на кормилото на Шпанија и во иднина.