Репрезентациите ќе имаат неограничен број измени на ЕП 2020

Организација на Европското првенство за жени 2020 година во време на пандемија е вистински предизвик за ЕХФ и домаќините Данска и Норвешка. Во таа насока ЕХФ направи промена во правилата за да им излезе во пресрет на репрезентациите.

Европската ракометна федерација одлучи да дозволи учесниците на првенството да можат да прават неограничен број измени во тимот за време на турнирот доколку се случи некој од репрезентацијата да биде заразен со Ковид-19.

Досега на европските првенства вообичаено националните селекции имаа можност за шест измени во текот на турнирот. Две во прелиминарната рунда, две во главната и уште две во самата завршница.

Селекторите на пошиорокиот список можат да пријават 35 ракометарки, додека на првенството ќе патуваат 16. Европското првенство треба да се игра од 3 до 20 декември.