Рајн Некар го остави Еурофарм Пелистер во игра за второто место

Во рамките на групата Д од Лига на Европа, во која се наоѓа и Еурофарм Пелистер се одиграа и останатите два натпревари. Германскиот Рајн Некар го победи ГОГ Гудме и го остави битолскиот тим во игра за второто место. Ако Еурофарм Пелистер победи кај Кадетен ќе биде втор во групата.

Екипата на Рајн Некар славеше против Гог Гудме со резулатат 32:24. Гостите од Данска добро им парираа на домаќините до првата половина од првиот дел при резултат 7:7. Техничките грешки се зголемуваа во екипата на ГОГ Гудме, а искусните ракометари на домашнинот тим предводени од крилата стигнаа до 17:13 на полувреме.

Во вториот дел играта на бундеслигашот беше одлична, а разликата се зголемуваше на секоја минута. Со седмиот гол на Толбринг домаќините имаа плус осум разлика, 26:18, во 43. минута од натпреварот. На крајот германскиот тим триумфираше со осум разлика. Најефикасен ракометар во победничката екипа беше Џери Толбринг со осум погодоци. Во ГОГ Гудме, Емил Мадсен беше стрелец на шест погодоци.

Тримо Требње на свој терен славеше против Татабања со резултат 32:28. Избраниците на Урош Зорман уште од самиот почеток имаа контрола на резултатот и со головите на Котар и Добовичник имаа водство од 3:1 во почетните минути. Гостинската екипа главно преку Матијас Ѓери се одржуваше во резултатска игра, но ракометарите на Тримо со ефикасни напади и солидна одбрана стигнаа до четири позитива на полувреме, 18:14.

Вториот дел помина во слична игра и водството од три до пет голови беше одржувано до самиот крај. Без желба за успех, Татабања мораше да се помири со поразот. Во составот на Тримо Требње, Анже Добовичник постигна седум погодоци. Во тимот на Татабања најефикасен беше Балаж Молнар со седум погодоци.

Лига на Европа, 10 коло, резултати:

Металург – Адемар Леон 27:27 (16:13)
Фуксе Берлин – Спортинг Лисабон 29:19 ( 14:10)
Кристијанштад – Ним 30:30 ( 13:15)
ЦСКА Москва – Магдебург 27:35 ( 17:18)
Тримо Требње – Татабања 32:28 ( 18:14)
Рајн Некар Левен – ГОГ Гудме 32:24 ( 17:13)