Раул не мрда од ПСЖ, го продолжи договорот со „светците“ до 2023 година

Поранешниот тренер на Вардар што му ја донесе првата европска титула на „црвено-црниот“ тим, Раул Гонзалес, го продолжи договорот со францускиот ПСЖ.

Шпанскиот стратег, чиј договор истекуваше ова лето, се реши да остане во редовите на „светците“ и во следните две сезони, односно до 2023 година.

„За мене е голема чест што ја продолжувам авантурата во ПСЖ. Во овие три години станав приврзан за овој клуб, затоа и самиот сакав да останам уште пред да ми биде понуден новиот догвоор. Убеден сум дека ги имаме неопходните оружја за да оствариме големи работи“, изјави Раул.

Иако Раул успеа да го однесе тимот само до титули во Франција, но не и во Лигата на шампионите, сепак челниците велат дека тимот под негово водство напредува секоја сезона.

„Продолжувањето на соработката со Раул Гонзалес беше наш приоритет. Со неговиот асистент Хота Гонзалес, формираат одлично дуо што му овозможува на нашиот тим да напредува секоја сезона. Под негово водство ПСЖ си го зацврсти местото во светската ракометна елита“, велат од клубот.

ПСЖ оваа сезона не игра најдобро во Лигата на шампионите и ќе нема лесна задача да стигне до нов настап на завршните турнири.