Раул Ентрериос: Мојот сон е да бидам во Токио во 2021 година

Одложувањето на Олимписките игри за 2021 година ги смени плановите на многу светски спортисти. Раул Ентрериос објави дека Олимпијадата ќе биде негово последно натпреварување, но одлуката на Меѓународниот олимписки комитет му подготви ново сценарио за крај на кариерата на Шанецот.

„Условите се променија драматично во однос на она што е нормална сезона. Мора да следиме како се одвиваат работите секој ден. Олимписките игри требаше да бидат моето последно големо натпреварување, но тоа се смени. Сè уште сакам да бидам дел од игрите во Токио, но како ќе го остварам тоа сега не е време да мислам. Ќе го надминеме ова и ќе има време да се подготвиме. Мојот сон е да одам на игрите во Токио во 2021 година“, истакна Ентрериос.

Како и неговите соиграчи Ентрериос во овој период работи индивидуално според програмата од тренерите во Барселона.

„Како професионалци мораме да останеме во добра форма, да работиме индивидуално за да бидеме подготвени кога ќе продолжи првенството. Но сега друго е приоритет, да останеме во своите домови и да се обидеме да го спречиме ширењето на епидемијата.

Со освојувањето на втората европска титула Шпанците обезбедија директен пласман на Олимписките игри. Ветераните во репрезентацијата имаа план да ја завршат репрезентативната кариера летово после игрите, но како што се одвиваат работите тоа ќе се одложи за наредното лето.