Ракометната легенда од Унгарија го презема Ѓер, чека на официјална промоција

Една од најдобрите ракометарки на светот, Анита Гербиц, која се пензионираше минатото лето, би можела да стане претседател на еден од фаворитите за освојување на титулата во ЛШ, Ѓер.

Информацијата беше потврдена од актуелниот градоначалник на Ѓер, Чаба Андраш, кој во изјава за „nemzetisport.hu“, категорично одговори дека Гербиц треба да го наследи Чаба Барта на претседателската функција.

„Со сите со кои разговарав за новиот претседател го делиме истото мислење. Тоа треба да биде Анита Гербиц“, изјави Чаба Андраш.

Гербиц целата кариера ја мина во Ѓер. Пет пати ја освојуваше Лигата на шампионите, 13 пати домашната титула и 11 пати Куп титулата во Унгарија. Во 2005 година од страна на ИХФ, Гербиц беше прогласена за најдобра ракометарка на светот.

За потсетување, пред неколку денови, Чаба Барта, кој беше претседател на Ѓер цели шест години, реши да го напушти унгарскиот шампион. Претходно во унгарските медиуми, неподготвеноста на Барта да го даде Ѓер под контрола на градската управа беше наведена како потенцијална причина за неговото заминување од клубот.