Радуловиќ: Ни требаа пет минути со Андријана и Јохан да договоривме создавање женска екипа

Новиот член на Женската лига, тимот на Скопје, од клупата ќе биде предводен од легендарната македонска репрезентативка Валентина Радуловиќ, која подолго време работеше во Шампион со сите генерации на ракометарки.

Радуловиќ во новиот клуб ќе ја има и улогата на претседател, а во работата во клубот и во стручниот штаб ќе и помагаат уште две поранешни ракометарки. Станува збор за екс ракометарката на Кометал ЃП, односно довчерашниот тренер на машкиот клуб на Скопје, Андријана Будимир и поранешната членка на Вардар, Ања Алтхаус.

Екс репрезентативка на Македонија во разговор за 24Ракомет истакна дека со нетрпение го очекува нејзиниот нов предизвик, во кој активно ќе се работи во создавање на квалитетни кадри за во иднина.

„Откако го завршив мојот тренерски ангажман во Шампион решив да се вклучам во новиот член во Женската лига. Во разговор со Андријана Будимир и нејзиниот сопруг, Јохан,”ни беа потребни само пет минути да донесеме одлука да го формираме новиот женски клуб во Македонија”. Сите процедури околу регистрацијата на клубот, пријавите за следната сезона се веќе завршени и можам да кажам дека со нетрпение го чекам мојот нов предизвик во тренерската кариера. Мислам дека ќе биде интересна сезоната во Женската лига, која знаеме дека не е на некое високо ниво, но секако, има простор за напредок во секој клуб“, изјави Радуловиќ за 24Ракомет.

Со каков тим ќе располага новиот женски клуб сѐ уште не се знае, но главниот фокус ќе бидат ракометарките од генерацијата 2002-2003.

„Што се однесува до ростерот, мислам дека сѐ уште е рано да се зборува за тоа. Чекор по чекор започнавме, така и ќе продолжиме. Ќе располагаме со доволен број на ракометарки, кои ќе бидат од генерацијата 2002-2003, ракометарки на кои им верувам многу и сигурна сум дека ќе го дадат максимумот во новата сезона. Ќе има и засилувања од останатите женски клубови, но како што напоменав, ние сме на самиот почеток, работиме уште и ќе работиме во градењето на овој тим во иднина“, додаде Радуловиќ.

Некогашната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Кабран Амбалажа, Хипо и Шлагелсе, во минатата сезона на дел од натпреварите на Шампион имаше двојна улога, беше тренер и играч. Радуловиќ истакна дека пласманот во дебитанската сезона на новиот женски клуб најмногу ќе зависи од посветеноста на ракометарките.

„Освен во сениорската лига, ќе се натпреваруваме и во младинските категории. Во сениорската лига идеално би било да бидеме некаде околу ,,златната средина”. Сепак, каков пласман ќе обезбедиме најмногу ќе зависи како ќе одиграме во нашиот дебитански настап. Ќе се работи максимално и посветено. Ситуацијата во женскиот ракомет во Македонија беше причина да се вратам на терените како играч во минатата сезона (се смее). Доколку би било потребно тука сум да помогнам и на македонската репрезентација бидејќи женскиот ракомет заслужува многу повеќе“, заврши Радуловиќ.

ОФИЦИЈАЛНО: Валентина Радуловиќ ќе го води Скопје