Радовиќ: Македонија е убава приказна на балканскиот ракомет

Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ со своите сонародници се подготвува за настап на Европското првенство каде што на 15 јануари ќе има дуел против Македонија и клупските колеги од Еурофарм Пелистер.

Тој добро знае каква е ситуацијата во Македонија и очекувањата од учеството на овој шампионат, а и самиот добро знае што може да се очекува на првенството.

„Немаме многу тајни. И со Македонија и со Словенија имаме играно натпревари кои главно беа пријателски, додека против Данска одигравме во претходните квалификации кога остваривме голема победа во Подгорица. Скандинавците се големи фаворити на групата, додека на другите дуели се ќе зависи од моментната форма и од тоа кој ќе има подобар ден“, вели Радовиќ.

Покрај тоа има и многу убави зборови за она што се случува во Македонија на поле на ракометот и посакува и во Црна Гора да доживее иста таква приказна.

„Македонците живеат за ракометот. Навивачите се фанатици, присутен е голем ентузијазам, а репрезентацијата се сака соцелосрце. Сепак, и ние даваме срце и душа за државниот тим. И тие и ние ќе го оставиме последниот атом од силите, но верувам дека на крајот ќе излезем како победници. Македонија според се е убава приказна на балканскиот ракомет, а нашата цел е после Европското првенство да се зборува и за Црна Гора“, изјавува Радовиќ на една недела до почетокот на Европското првенство.

Македонија и Црна Гора ќе играат во 2. коло од Групата А, а дуелот е на програмата на 15 јануари од 18 часот.