Радовиш со најголема добивка за 2020 – Работнички прикажал загуба

До крајот на јули само пет ракометни екипи кои се регистрирани како АД доставиле финансиски извештаи за претходната година. За неподнесување на извештаи, одговорните лица во клубот се соочуваат со казни.

Како акционерски друштва, сите ракометни клубови се должни да достават финансиски извештај согласно Законот за хартии од вредност. Од вкупно 12 клубови колку што минатата сезона се натпреваруваа во машката Супер лига, досега само пет доставиле финансиски извештај за својата работа во претходната година.

Сите извештаи се јавно достапни на македонската берза, каде исто така треба да бидат објавени си те промени во органите на оправување или други информации поврзани со работата на акционерските друштва.

Од петте машки клубови, само еден има пријавено загуб, а сите други годината ја завршиле со добивка. Најмногу на сметката имала екипата на Раадовиш која пријавила добивка од 605.575 денари, а нивните вкупни приходи за 2020 година биле 4.804.850 денари (околу 78.000 евра)

Единствениот тим кој прикажал загуба е Работнички, кој во 2020 година прикажал загуба од 281.159 денари. Вкупните приходи на Работнички таа година бил 4.519.650 денари (околу 73.000 евра)

Во 2020 година не беше прогласен првак и победник на Купот поради пандемијата и не беше доиграно првенството во пролетниот дел. Сезоната во есенскиот дел почна со играње во групи.

Тимот на Охрид пријавил вкупен приход од 12.175.716 денари (околу 197.000 евра), а годината е завршена со добивка од 86.412 денари.

Двата тима од Битола, пријавиле добивка, а „помладиот“ Еурофарм Пелистер 2 годината ја завршил со добивка од 243.305 денари. Поголем буџет пријавил првиот тим кој е 64.050.447 денари, а годината е завршена со добивка од 13.799 денари. Разликите во буџетите секако се поради квалитетот на играчите, но и натпреварувањата во кои се настапува. Патувањата во СЕХА и ЕХФ натпреварувањата се многу поскапи.

Сите клубови треба до крајот на годинава да ги достават своите финансиски извештаи, а евидентно е дека кај помалите тимови најголемиот дле од приходите доаѓаат од доделените ваучери.