Радовиш продолжи со петмина – остануваат Ончев, Паунов…

Екипата на Радовиш, која во следната сезона повторно ќе игра во Суперлигата, реши да ги продолжи договорите со поголемиот дел од играчите кои беа важна алка во тимот.

Раководството на клубот договорите ги продолжи со голманот Славјан Паунов, кружниот напаѓач Томче Трајчевски, како и со тројцата ракометари кои настапуваат на бековските позиции, Ангелче Органџиев, Здравко Постолов и Иванче Ончев.

Иако претходно беше најавено дека Органџиев ќе си замине од клубот, сепак, левиот бек реши да ја продолжи соработката со суперлигашот. Клубот остана без легендите Александар Долдуров и Спасе Ѓорѓиев, кои ја завршија кариерата.

Минатата сезона Радовиш преку бараж го обезбеди опстанокот во елитното друштво, а оваа сезона дилемите беа решени пред крајот на плеј-аутот. Радовиш сезоната во домашното првенство ја заврши на 10. позиција на табелата.