Радичевиќ најефикасна, Кастамону поразен на дебито во ЛШ

Амбициозниот проект на Кастамону во својот дебитански настап во Лигата на шампионите доживеа пораз од Одензе, 31:25, во рамките од првото коло од Б групата.

Данската екипа уште од самиот старт беше во водство и не им дозволи на домаќинките голема надеж за враќање во игра. На полувреме резултатот беше 15:11 за екипата на Одензе.

Во вториот дел, Кастамону заостануваше со негатива и од осум гола разлика, но до самиот крај избраничките на Костика Бучечи ја намалија негативата за конечни минус шест разлика.

Најефикасна на натпреварот беше поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ со девет гола. Солиден натпревар во турскиот шампион одиграа и Сара Коварова и Нина Зулиќ со четири постигнати гола.

Во следното коло, Кастамону за противник ја има руската екипа, ЦСКА Москва, додека Одензе на свој терен за противник го има француски Мец.

Пораз забележа и словенечкиот шампион, Крим на гостувањето во Шведска против Савехоф со 29:28 во рамките од Б групата. Во Крим настапија и двете екс ракометарки на Вардар, Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ.

Лекиќ натпреварот го заврши со пет гола, а Цвијиќ во противничката мрежа се запиша два пати.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ – ЖЕНИ

1.КОЛО

ИК САВЕХОФ – КРИМ 29:28 (11:13)
ЕСБЈЕРГ – ЧСМ БУКУРЕШТ 22:21 (13:10)
КАСТАМОНУ – ОДЕНЗЕ 25:31 (11:15)