Радичевиќ и Аморим меѓу номинираните за Ол Стар тимот во Лигата на шампионите!

Европската ракометна федерација номинираше 54 ракометарки за идеалниот тим на сезоната во женската Лига на шампиони. Исто така, ќе се избира и најдобар тренер, а во оваа категорија, ЕХФ номинираше шест тренери.

Во изборот на 54 играчи, се наоѓаат и две ракометарки кои настапувале во Македонија. Станува збор за поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ, која имаше одлични настапи за Кастамону, како и екс ракометарката на Кометал ЃП, македонската снаа, Едуарда Аморим Талеска. Радичевиќ е меѓу номинираните за најдобро десно крило, додека Еударда Аморим Талеска која во оваа сезона настапуваше за Ростов и ЧСМ Букурешт, е номинирана за најдобар дефанзивец.

Клубовите кои ќе се натпреваруваат на Ф4 турнирот во Будимпешта, собраа најголем број номинации. Мец и Вајперс Кристијансад се најзастапените клубови меѓу номинираните, со по девет играчи. Екипите на Езбјерг и Ѓер имаат по осум номинирани ракометарки.

Кои ќе бидат најдобрите ракометарки за оваа сезона во Лигата на шампионите ќе одлучуваат ракометните фанови, кои ќе можат да гласат од денес, па сѐ до 1 јуни. Гласањето ќе се одвива преку апликацијата на ЕХФ, односно на следниот ЛИНК.

На 3 јуни, пред самиот почеток на Ф4 турнирот во Будимпешта, ЕХФ ќе го објави годинешниот Ол Стар тим кај дамите. Екипите на Мец, Вајперс Кристијансад, Ѓер и Езбјерг, ќе се борат за титулата во годинешното издание во Лигата на шампионите. Актуелен бранител е норвешкиот шампион, Вајперс Кристијансад.