„Радичевиќ заслужува да биде на врвот, ќе биде многу тешко кога ќе стави крај на кариерата“

Некогашната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ, која со македонскиот тим пет пат пати играше на Ф4 во ЛШ, од лето ќе има нов клуб откако потпиша за словенечкиот Крим.

Иако многу од поискусните ракометарки во Црна Гора, ставија крај на репрезентативната кариера, Радичевиќ се уште е тука за својата татковина.

Откако претходно соработуваше долго со Драган Аџиќ, па кратко со Ким Расмусен, сега соработува со некогашната колешка од теренот, Бојана Поповиќ.

„Радичевиќ ја познавам 15, 20 години, игравме заедно. Од тој момент до денес ништо не е сменето, таа е истата личност. Се бори по 60 минути на секој натпревар. Таа е единствената личност која ја познавам која вака храбро работела низ кариерата. Таа заслужува сè, заслужува сè што ќе освои и заслужува да биде на врвот и мислам дека го знае тоа. Таа е многу важна за овој млад тим, каде ни недостасуваат толку многу играчи, многу од нив се повредени. Радичевиќ не се откажува ниту еден ден. Таа само ги поттикнува помладите, тоа го прави секој ден. Ќе биде многу тешко кога ќе реши да стави крај на својата играчка кариера, бидејќи ќе биде тешко да се најде некој кој постојано се бори и не крева поглед кон семафорот за да го види резултатот. Таа само се бори. Можам само да кажам дека таа е одлична и треба само да продолжи колку што може, затоа што на овој свет му треба ваква ракометарка“, изјави Поповиќ.

Двете заедно играа во Будуќност, а со репрезентацијата на Црна Гора на Олимписките игри во Лондон (2012) го освоија сребрениот медал. Сега повторно се заедно во репрезентацијата, но со сосема различна улога.