Работнички со нов стратег во новата сезона

Екипата на Работнички го напушти суперлигашкото друштво на крајот од минатата сезона и во новиот шампионат ќе тргне со амбиции за висок пласман, но и со нов тренер. На клупата ќе се најде Никола Димовски, кој ќе го наследи Стојан Петрушевски.

Димовски е поранешен тренер во младинските тимови на Вардар, а еден период работеше и во МРК Вардар. Потоа беше дел и од екипата на Драчево, а сега добива сериозен предизвик во тимот на Работнички.

Прв пик на тимот на Работнички за тренерската позиција беше Пепи Манасков, но тој одлучи да остане во Вардар и да работи со еден од младинските тимови така што на крајот во Работнички се одлучија за Никола Димовски.

Екипата на Работнички играше во последните сезони во Супер лигата, а минатата сезона доби засилување во дел од ракометарите кои претходно настапуваа во Вардар јуниор заедно со стручниот штаб. Сепак, после завршување на сезоната Петрушевски и Манасков се вратија во Вардар, како и дел од играчите така што Работнички ќе има доста промени за новата сезона.