Работнички со млади сили од Вардар јуниор во трка за опстанок

Екипата на Работнички во новата сезона од Супер машката лига влегува со сосема изменет тим во однос на лани, а практично тоа ќе биде состав во кој се најдоа поголем дел од играчите што во минатата сезона настапуваа за Вардар јуниор.

Стручниот штаб кој беше дел од втората екипа на вардарци сега е во Работнички така што Стојан Петрушевски и Пепи Манасков ќе имаат задача да го водат овој тим во кој од ланската постава ќе има само двајца од помладите ракометари.

„Уште на стартот се договоривме дека оние играчи што беа поискусни, а играа во Работнички дека нема да биде продолжена соработката со нив. Сакаме тим кој ќе работи речиси секој ден и ќе го продолжиме ниво кое го имавме од лани. Тренираме и се подготвуваме, а целта ни е годинава да се избориме за опстанок“, вели тренерот Петрушевски.

Тој е задоволен што неколку од играчите со кои соработуваше лани ќе ги има и во новата сезона.

„Во тимот ќе бидат Гогов, Крстевски, Ќосевски, Атанасовски… така што имаме една добра постава. Сепак, ќе ни биде проблем малку ротацијата. Добро е тоа што сезоната е долга. Мал проблем е потешката група во која се најдовме со Металург, Бутел Скопје, ГРК Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2… но ќе има и плеј-аут напролет, па се надеваме на опстанок“, коментираше Петрушевски.

Екипата ќе тренира во СЦ „Јане Сандански“, а во оваа сала и ќе ги игра натпреварите во новата сезона.