Работнички доби големо засилување – и поддршка од Вардар

Во новата сезона секој натпревар на Работнички, најстариот ракометен клуб во Македонија веќе нема да биде „тренинг меч“ за противникот, туку скопскиот тим ќе се бори за висок пласман. Тоа е сигурно откако клубот доби сериозно засилување во играчки и тренерски кадар – и тоа од европскиот првак Вардар. Според договорот на клубовите следната сезона Работнички ќе биде филијала на „црвено-црните“ и таму ќе се преселат оние играчи кои нема да изборат место во првиот тим. Во Работнички ќе тренираат и ќе се натпреваруваат во Супер лигата, и по потреба ќе тренираат и со екипата на Вардар.

Како што пишуваше 24ракомет уште пред еден месец, сега тоа доби и официјална потврда. Тимот на Вардар јуниор заедно со тренерите Стојан Петрушевски и Пепи Манасков ќе бидат дел од Работнички заедно со повеќемина ракометари. Засилувањата, во кадровските решенија и веројатно во пари ќе му овозможат на Работнички да се консолидира и да се стабилизира во новата сезона.

Покрај Петрушевски и Манасков во Работнички треба да заминат и Карапалевски, Крстевски, Гашoвски, Ќосевски, Гогов дел од ракометарите што и досега играа во Вардар јуниор, дел од кадетската екипа на Вардар плус уште неколку засилувања и ракометарите што лани настапуваа за Работнички.

Екипата би требало да настапува во СЦ „Јане Сандански“ каде ќе играат и првиот тим на Вардар и веројатно и тимот на КЛ7.

Во новата сезона во Супер лигата ќе играат 16 екипи поделени во две групи. Бидејќи оваа сезона нема прогласено првак ниту, пак, има испаѓање сите екипи добија шанса да се борат за опстанок.

Работнички пред неколку сезони најави сериозно враќање во Супер лигата, силни спонзори, но тоа траеше само една сезона. Потоа екипата повторно испадна од супер лигата, но брзо се врати. Сега се надеваат на стабилизирање и создавање на место каде би имало повеќе млади иквалитени ракометари. Во последната сезона тимот на Работнички го имаше и најдобриот стрелец во Супер лигата во Давор Палевски, кој успеа да постигне 190 гола и да биде далеку пред колегите.