Работнички ќе стане филијала на Вардар!

Од оваа сезона Вардар нема да има две екипи во Суперлигата како досега, но и покрај тоа „младите и надежни“ ракометари на европскиот првак ќе играат во најсилното натпреварување. Според информациите до кои дојде 24Ракомет во следната сезона, тимот на Работнички ќе биде филијала на Вардар. Таму ќе играат оние ракометари што нема да изборам место во првиот тим, а сепак ќе имаат договор со вардарци.

Идејата за создавање на филијала била веќе разгледана со раководството на Работнички, а Михајло Михајловски за оваа идеја им кажал и на тренерите на Вардар на нивниот состанок пред неколку денови. Тимот на Работнички пред да биде прекината Суперлигата поради вонредната ситуација, беше еден од најсериозните кандидати за испаѓање, а според договорот на РФМ и клубовите сега веќе нема да има испаѓање. Тоа ќе му овозможи на тимот да се консолидира и со помош на играчите од Вардар да немаат епизодна улога во новата сезона.

Според плановите на раководствата на двата клуба, в година во Работнички тренер треба да биде Стојан Петрушевски заедно со Пепи Манасков. Тие двајцата и досега заедно работеа во Вардар Јуниор и го водеа тимот во Суперлигата, и плус настапуваа во младинска конкуренција.

Тие сезонава направија солиден резултат, освоија 24 бода, еден помалку од Радовиш на едно коло до крај на регуларниот дел од првенството. Токму некои од тие млади вардарци од Вардар Јуниор сезонава играа и во ЛШ и СЕХА лигата. Сега ќе имаат шанса повторно да бидат во најсилното друштво.

Покрај Петрушевски и Манасков во Работнички трансфер би требало да направат и сите ракометари од Вардар Јуниор што ќе останат, па и некои други ракометари од помладите категории. Според она како досега се засилува Вардар, веројатно во Работнички ќе продолжат Гогов, Карапалевски или Крстевски, потоа Ќосевски, можеби Гашовски и уште неколку други ракометари.

Лани Работнички сезоната ја почна со играње во СРЦ Кале, а потоа играше и во Ѓорче Петров и Бутел. Со потпишување на договорот за соработка веројатно Работнички ќе стане клуб кој ќе биде пореспектибилен и конкурентен во новата сезона.