Пу пу не важи… Црногорците се премислија, Ловќен е новиот шампион

Управниот одбор на Ракометниот сојуз на Црна Гора ја смени одлуката според која првенството беше прекинато и немаше шампион. Новата одлука вели дека на барања на клубовите кои настапуваат во првенството на Црна Гора одлуката е преиначена.

Според новата одлука Црна Гора добива шампион. Тимот на Ловќен е промовиран во нов првак на Црна Гора така што овој тим добива и можност да ја претставува земјата во европските купови.

Воедно покрај ова се менува и бројот на тимови во новата сезона. Со оглед на тоа што беше најавено дека нема да има никакви измени во однос на клубовите кои играа во најсилната лига, новата одлука вели дека најсилната лига на Црна Гора се проширува. Нови тимови во лигата се Беране и Брсково.

Одлуката беше сменета не само на барање на поголемиот дел на клубовите, туку и на сугестија на Министерството за спорт и млади откаде што стигна барање за преиспитување на претходната одлука.