ПСЖ немаше милост – Порто постигна четири гола за полувреме и беше декласиран

Ракометарите на ПСЖ имаа фантастичен настап особено во првото полувреме во 7. коло од Лигата на шампионите и на домашен терен премногу лесно и убедливо го совладаа Порто на Никола Митревски со 33:19.

Уште од самиот старт ПСЖ тргна многу силно, отвори со 3:0, а многу брзо потоа домаќините имаа одлична предност од 7:2 во 14. минута. Порто имаше многу проблеми со реализација во првиот дел и имаше слаба реализација.

Од 13. до 29. минута Порто не успеа да постигне гол, а тоа на најдобар можен начин го искористија играчите на ПСЖ. Карабатиќ, Хансен и Ремили го полнеа голот на противникот и со серија од 11:0 ја обезбедија победата после првиот дел кога водеа 18:4.

Второто полувреме беше формалност, Порто имаше огромно заостанување кое беше недостижно, а ракометарите на ПСЖ играа толку колку што беше потребно за да стигнат до рутинска победа во вторите 30 минути..

Никола Митревски натпреварот го заврши со пет интервенции, а голманите на ПСЖ беа одлични, Жанти имаше седум интервенции додека Жерард собра девет интеренции. Најефикасен во тимот на ПСЖ беше Камил Шипжак со осум погодоци, а Ремили постигна пет гола. Во тимот на Порто Итураза беше прв стрелец со пет гола.