Промоција на ЕП 2022 – Македонија во ноември ќе ги собере најдобрите европски селекции

Денеска во Љубљана за прв пат во присуство на претседателот на ЕХФ Михаел Видерер се состанаа и претставниците на трите ракометни федерации што ќе го организираат следното Европско сениорско првенство во женска конкуренција.

Тоа се Македонија, Словенија и Црна Гора. Шампионатот ќе се одржи од 4 до 20 ноември годинава. На денешната промоција на првенството говореа претставниците на федерациите.

Претставник на нашата ракометна федерација беше член на Управниот Одбор Александар Стефанов.

„Голема чест за Македонија е што ќе бидеме домаќини на еден ваков голем настан,затоа што ракометот е спорт број еден во нашата држава. Ова ќе биде втор пат кај нас да се одржува Европско сениорско првенство. Со нетрпение го очекуваме овој предизвик – Ќе бидете добредојдени во ноември во Скопје, изјави Стефанов.

Престедателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер изрази задоволство што шампионатот ќе се игра во овие три држави.

„Македонија беше домаќин на ЕП во 2008, Словенија организираше машко европско првенство во 2004, а Црна Гора има долга традиција во женскиот ракомет. Сите три држави се покажале како гостопримливи и одлични организатори. Затоа со нетрпение го очекуваме ова првенство, изјави Видерер.

Ова ќе биде последно Европско првенство што ќе има 16 учесници, додека од 2024 година на континенталниот собир ќе играат 24 селекции.

Во Македонија ќе се играат една група од прелиминарната фаза и една од главната рунда, додека завршниот викенд ќе биде во Словенија.