Пролет се засили со црногорски голман

Тимот на Пролет го реши голманското прашање за новата натпреварувачка сезона потпишувајќи договор со Данило Михалјевиќ. Овој 25-годишен чувар на мрежата доаѓа од Црна Гора и има зад своето име настапи за сите младински селекции, како и за сениорската репрезентација.

Михајлевиќ ги мина изминатите денови во Скопје, по што го стави својот потпис на едногодишниот договор со Пролет, со можност за дополнително продолжување на соработката.

Црногорскиот голман има настапувано за неколку екипи во татковината, но исто така и во неколку клубови во странство, како Пореч од Хрватска, Железничар Ниш од Србија, Сетубал од Португалија и Пјотрковјанин Трибулански од Полска. Тој доаѓа за да го засили тимот по заминувањето на Јане Цветковски и ќе ја сочинува голманското трио заедно со Андреј Петковски и со Матеј Ивановски.

Данило Михајлевиќ е третото засилување за Пролет, по ангажманот на македонскиот репрезентативец Томи Јагуриновски и на Александар Василевски, а во наредниот период се очекува дополнително засилување на играчкиот кадар за наредната сезона.