Пролет „призна“ дека судиите погрешиле – бараат победа за Бутел

Во рамки од претпоследното коло од суперлигашкиот плеј-оф, пресметка имаа екипите на Пролет и Бутел Скопје, а исходот од дуелот, кој беше одигран во спортската сала „Македонско Сонце“ заврши без победник, 23:23.

Овој натпревар немаше резултатско значење за двете екипи, бидејќи уште од поодамна ги изгубија шансите за пласман меѓу најдобрите четири клубови. Бутелци по натпреварот излегоа со соопштение, во кое беше посочено дека се судиски оштетени и дека клубот испратил жалба до Ракометната федерација на Македонија (РФМ).

Од Бутел сметаат дека последните одлуки на судиите директно влијаеле на конечниот резултат, особено одлуката да биде исклучен Мирко Мајиќ, на три секунди до крај и да биде досуден пенал на спротивната страна за Пролет.

Судии на дуелот меѓу Пролет и Бутел Скопје беа Исмаил Металари и Ненад Николовски, кои пред една недела ја делеа правдата на финалето на Купот на Македонија. За потсетување, второпласираниот тим во Купот, Еурофарм Пелистер, по финалниот дуел имаше реакција за судиските одлуки и беше приморан да поднесе жалба.

Денес, и од раководството на Пролет излегоа со соопштение во јавноста, во кое се посочува дека како клуб се изненадени од судиската одлука на Металари и Николовски да судат пенал во нивна корист. Од Пролет истакнуваат дека двајцата споменати судии направиле пропуст во финишот од дуелот и го поддржаа нивниот градски ривал во жалбата сметајќи дека истата треба да биде прифатена и Бутел да го добие натпреварот со 23:22.

,,Како клуб со традиција долга повеќе од 60 години, наше основно начело отсекогаш бил спортскиот ферплеј и сме се раководеле преку истиот без оглед на моментите резултати шти биле остварувани. Токму поради тоа, непријатно сме изненадени од случувањата во самиот финиш на вчерашниот натпревар меѓу РК Тинекс Пролет 62 и РК Бутел, како и од реакцијата на гостинскиот клуб по неговото завршување. Многу полесно ќе беше мечот да го одиграме в сабота и Бутел да биде без важен играч во своите редови, но постапивме крајно спортски и излеговме во пресрет на нивното барање натпреварот да го закажеме за недела. Начелото на ферплеј и покажување на големина и во победи и во порази е нешто што РК Пролет го красело и се уште го краси, тоа го демонстрираме и во овој случај… По консултациите извршени во рамките на нашиот клуб, наша препорака е жалбата на РК Бутел да биде прифатена и дуелот да биде регистриран со резултат 22-23, поништувајќи го со тоа последниот гол од пенал за израмнување. Грешките се составен дел од секој спорт, па и од ракометот, не сакаме да биде покажувано со прст кон било кој како виновник за финишот од мечот во нашата сала „Македонско Сонце“. Резултатот во случајов не е толку важен колку респектот што треба да се гради меѓу сите чинители во македонскиот ракомет. Затоа што мак-ракометот е многу повеќе од една победа или пораз”, се вели во соопштението на Пролет.

Бутел се жали на судиските одлуки на Металари – Николовски на дуелот со Пролет