Пролет најде замена за Ангелов – потпиша Андреј Петковски

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Андреј Петковски, е нов член на Пролет откако денеска го потпиша договорот со тимот што ќе игра во Лигата на Европа. Пролет беше во преговори и со искусниот Златко Даскаловски, но сепак тој трансфер не се реализираше.

Петковски важи за еден од најперспективните млади голмани во Македонија, тој неодамна беше и дел од Б-репрезентацијата која одигра две контролни средби против селекцијата на Србија.

Зад себе има одлична сезона во дресот на Голден Арт, а во Пролет ќе биде замена за искусниот Петар Ангелов, кој си замина од клубот.

Петковски е првото од неколкуте предвидени засилувања за наредната сезона, откако во изминатиот период беа потпишани нови договори со Ласко Андоновски, Дејан Пецаковски и со Давор Палевски.

Од Пролет досега заминаа Никола Потиќ, Петар Ангелов и Кристијан Давитковски, а уште најмалку двајца играчи од досегашниот ростер нема да бидат дел од македонскиот претставник во Лигата на Европа.