Пролет има нов голман на радарот, Даскалоски може повторно да застане на голот

Искусниот голман и поранешен репрезентативец на Македонија, Златко Даскалоски би можел повторно да го облече дресот на Пролет и да застане на голот на оваа екипа.

Стружанецот го напушти Бутел Скопје и се наоѓа пред нов предизвик во кариерата. Има 36 години и богато искуство зад себе од настапи и во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, па би бил добро засилување за тимот на Пролет кој остана без Петар Ангелов.

Во својата кариера Даскалоски веќе беше голман на Пролет во сезоната 2011/12, а претходно беше дел од екипата на Вардар. Во кариерата бранеѓе и за Ловќен, Анкара, Темишвар и Стразбур, така што ќе донесе големо искуство со себе.

Пролет ги има Јане Цветковски и Кристијан Кристо, но дефинитивно им треба и уште еден поискусен „чувар на мрежата“.