Прилеп донесе среден бек – потпиша Црногорецот Јелушиќ!

Тимот на Прилеп денеска го промовираше новиот организатор на играта, Црногорецот Драган Јелушиќ.

Црногорскиот среден бек потпиша договор на две сезони и ќе го засили македонскиот суперлигаш во пресрет на новата сезона.

23-годишниот Јелушиќ е поранешен младински репрезентативец на Црна Гора, а во Прилеп доаѓа од Искра Бугојно.

Минатата сезона во тимот од Босна и Херцеговина постигна 65 погодоци, а претходно има играно за Борац Бања Лука, Рудар и Даниловград.

Прилепчани се многу блиску да го решат тренерското прашање со ангажманот на Божидар Мојсов, кој треба да биде промовиран наредните денови.

Претходно договорите ги продолжија Христи Бикоски, Иван Ангелески и Антонио Бурчески, а тимот го засилија Томче Трајчевски, Никола Цветаноски и Давид Ацевски.

Од Прилеп заминаа Давор Шокоски и Мириани Гавашелишвили.