Прилеп задржа уште еден важен играч во своите редови

Средниот бек Марио Гичев и во следната сезона ќе го носи дресот на суперлигашот, Прилеп, откако со раководството на клубот успешно ја продолжи соработката.

На позицијата среден бек во прилепскиот тим настапува и репрезентативецот на Грузија, Мириан Гавашелишвили, кој исто така останува во тимот предводен од новиот тренер, Реваз Чантурија.

Гичев во Прилеп пристигна во пролетниот дел од изминатата сезона од редовите на Тиквеш и се покажа како вистинско освежување во тимот. Во својата кариера беше дел и од екипите на Текстилец, Вардар 2, Работнички, Пролет и Јуниор КВ.

Прилеп претходно ја продолжи соработката со младиот и перспективен ракометар, левото крило Христи Бикоски, а екипата за новата сезона се засили и со искусниот кружен напаѓач, Пеце Ѓорѓиоски.

Екипата на Прилеп во регуларниот дел од новата сезона ќе игра во групата А заедно со Вардар Неготино, Струга, Вардар, Бутел Скопје, Алкалоид, Охрид и Куманово. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите четири ќе се преселат во плеј-аут групата.