Преспа не го дава врвот, сигурна и против Партизан

Екипата на Преспа забележа убедлива победа против Партизан од Гевгелија со 28:20 во рамките од 11. коло од плеј-аут групата во Првата лига.

Избраниците на Иванчо Ангелковски имаа фуриозен старт од 7:1 и до крајот на натпреварот продолжија во ист ритам. Кратката клупа на гостите од Гевгелија, но и грешките во нападот беа причина за високото водство на домаќините.

Во првиот дел, Преспа не дозволи противникот да дојде до помала негатива. На полувреме, Партизан имаше минус шест, 9:15.

Ракометарите на Преспа го задржаа стабилното водство од првиот дел, и веќе во вториот дел рутински ја контролираа ситуацијата на теренот. Во финишот, Преспа успеа да го зголеми своето водство и да прослави убедлива победа од осум гола разлика.

Најефикасни во домашниот состав беа Филип Шиклевски и Дејан Камчев со по седум гола. Во составот на Партизан, Ѓорѓе Банцалиоски беше најефикасен со шест гола. Со новата победа, Преспа останува лидер на табелата во плеј-аут групата во Првата лига.