Преспа не виде мака против Текстилец, останува на врвот

Ракометарите на Преспа беа убедливи против Текстилец со 28:18 во рамките од плеј-аут групата во Првата лига. Преспа одигра моќно во текот на целиот натпревар, посебно во вториот дел.

Избраниците на Иванчо Ангелковски одлично го почнаа и завршија натпреварот. Гостинската екипа од Штип беше рамноправна само до 10. минута кога имаше негатива од 3:4. Во продолжението, Текстилец со само една постава и без многу опции во нападот едноставно немаше квалитет да му се спротистави на домаќинот. Првото полувреме заврши со предност од 12:7 за Преспа.

Водството на домашните беше зголемено и на десет гола разлика, 19:9. До крајот на средбата, Преспа без проблеми го одржуваше високото водство. Најефикасен во составот на Преспа беше Филип Шиклевски со осум гола. Во поразената екипа од Штип, Милисав Петров постигна половина од головите за својата екипа, вкупно девет, но немаше поддршка од своите колеги.

Преспа по денешниот триумф останува на првото место на табелата во плеј-аут групата во Првата лига.