Преспа даде силен отпор, но бодовите останаа за Астраион

Екипата на Астраион во рамки од 4. коло од плеј-аут фазата во Првата машка лига потешко од очекуваното дојде до победа против Преспа, со резултат 26:22.

Десеткуваниот состав на Преспа, кој во Струмица допатува со само една постава, имаше простор за докажување, со оглед на фактот дека во првите 30 минути даде голем отпор против домаќинот. Првиот дел од натпреварот мина доста израмнето, а гостите во воведниот дел имаа водство од плус два, 1:3. Домаќинот никако не можеше да го скрши отпорот на противникот во првото полувремe. Астраион на пауза замина со минимална предност од еден гол, 11:10.

Домаќинот резултатски се одлепи дури во второто полувреме и речиси сите грешки на противникот во вториот дел ги казнуваше со погодок. Во вторите 30 минути падна концентрацијата во редовите на гостинскиот табор, па така домашниот состав започна да создава резултатска предност која ја одржуваше до самиот крај на натпреварот.

Предводници во победничката екипа беа Марко и Васко Стојанови со седум, односно шест гола, додека Александар Цонев зад своето име запиша пет погодоци. Кај Преспа се истакнаа Арбен Леровски со шест и Филип Георгиевски со пет погодоци.