Преспа даде силен отпор, но бодовите останаа за Аеродром

Екипата на Аеродром, која во минатата сезона на пенали беше поразена во бараж дуелот за влез во Суперлигата, денес ја оствари третата победа во прволигашкото друштво, откако триумфираше против Преспа со 36:29.

Иако Преспа немаше многу опции за овој натпревар, настапи со 11 ракометари, сепак, успеа во поголемиот дел од натпреварот да биде повеќе од рамноправен противник.

Гостите од Ресен во најголемиот дел од првото полувреме беа во водство, но не поголемо од еден до два гола разлика. Избраниците на Петровски во последните минути од првиот дел успеаја да го свртат резултат во своја корист и на полувреме да заминат со минимална предност од 17:16.

Преспа во второто полувреме издржа до 45 минута и во последниот период од дуелот домаќините беа повеќе концентрирани. Поради малиот ростер веќе беше јасно дека гостите ќе треба да дадат повеќе од максимумот доколку сакаат да се изборат за егал.

Аеродром започна да се одлепува на сериозна предност, на десет минути пред крајот дојде до водство од 30:25 и не дозволи да има никакво изненадување. Ракометарите на Преспа немаа ниту сила, ниту пак време за да дојдат до пресврт.