Преспа го чува врвот на табелата, триумфираше и против Македонија ЃП

Во рамките од 10. коло од Првата лига во плеј-аут фазата, Преспа не дозволи изненадување и триумфираше против Македонија ЃП со 31:27.

Натпреварот започна со гол на гостите преку Тунтевски, но домаќините брзо возвратија за 1:1, а неколку секунди подоцна, Иванов го донесе првото водство за домашната екипа од 2:1. Двете екипи имаа свои падови во текот на играта, па така имаше голем број на промени на резултатот.

Ракометарите на Преспа во продолжението беа подобар противник и со серија од неколку гола ја градеа својата предност. Во 20. минута резултатот беше 13:10 за екипата од Ресен. Првото полувреме заврши со предност на избраниците за Иванчо Ангелковски, 17:14.

Во второто полувреме, Преспа продолжи со добрата игра и не им даде на ѓорчевци многу надеж за камбек во натпреварот.

На средината на второто полувреме, Преспа стигна до највисоки плус четири, 16:20. Тоа беше и пресуден момент бидејќи до крајот на натпреварот, ресенци ја одржаа таа разлика.

Победничката екипа беше предводена од Џанер Шабединовски и Кире Башевски со по седум постигнати гола. Во екипата на Македонија ЃП, Боби Неделковски беше прв стрелец со десет гола. Со денешните освоени бодови, Преспа има 27 и останува лидер во плеј-аут групата во Првата лига.