Преспа без мака против Кичево

Ракометарите на Преспа немаа проблем против Кичево и славеа убедлива победа со 31:17 во рамките од 7.коло од плеј-аутот во Првата лига.

Домашната екипа на Иванчо Ангелковски веќе по петнаесетина минути игра имаше водство од 8:2. Расположени за игра беа стандардните ракометари, а противничката екипа беше без идеја во своите напади. Шиклевски во 17. минута од натпреварот ги постави највисоките седум гола разлика, 9:2.

Ракометарите на Кичево својот трет гол го постигнаа по 12. минути игра, но тоа беше премалку за било каков приклучок. Првото полувреме заврши со резултат 16:7 за екипата на Преспа.

Во второто полувреме ракометарите на Преспа го зголемија своето водство на 10 гола разлика, 18:8. Разликата растеше од минута во минута, а преостанатиот дел беше само формалност.

Најефикасни во екипата на Преспа беа Филип Шиклевски со седум и Андреј Божиновски со шест гола. Во составот на Кичево се истакна Владимир Новески со четири постигнати гола. Со денешната убедлива победа, Преспа останува на лидерското место во плеј-аут групата од Првата лига, додека Кичево е без освоен бод и се наоѓа на последното место.