ПРЕСИНГ: Стартната тактичка поставеност и пресуди на Македонија

После само 5-6 минути, во кои Вујовиќ како преден играч имаше две три пресечени топки и лесни релаизации, Ѓорѓиев беше „прочитан“ дека користи промена правец во послаба страна, а Костески по промашен зицер си разменува погледи со судиите, резултатот на семафорот гласеше 1:5. Тука заврши натпреварот, иако Кузмановски и Миркуловски заедно со денес повторно солидниот Томовски и особено Митревски направија се да ја вратат назад. За жал безуспешно.

На маката се познаваат јунаците, изрека која многу често ја користеше, сега селекторот, во текот на кариерата, во моменти кога нашиот национален тим ќе извојуваше епска победа на некое големо натпреварување. Во насока на изјавата на популарниот Жути, дека некои сегменти не се тренираат, алудирајќи на тоа дека инаетот, или срцето или душата или ако сакате уште по спортски „киселината“ во себе ја имаш или ја немаш…. и толку за нашата научна дисциплина во која сме најдобри кога ќе „тргне колата надолу“ и кога не се занимаваме со спортот интегрално, а бараме засолниште во нашата храброст, срце, душа и желба за победа. Да бидеме реално ова е ЕП и тука е најдоброто (не баш најдоброто имајќи предвид Ковид пандемијата) од ракометот, тука треба прецизност, физичка издржливост, искуство, систем, дисциплина…срцето и душата се ДДВ, никако основа.

Добредојдовте во мојата најнова ПРЕСИНГ колумна за ЕП во Унгарија и Словачка.

КОГА ПОВТОРУВАМЕ ГРЕШКИ ОД ТАКТИЧКА ПРИРОДА, ОЧЕКУВАНО Е РЕЗУЛАТАТОТ НА КРАЈОТ ДА БИДЕ ИДЕНТИЧЕН

Втор пораз на македонскиот национален тим на европскиот шампионат, кој овие денови се одржува во Унгарија и Словачка. Овој пат од селекција која има рејтинг под нашиот, селекција која „секоја престапна година“ е на големите смотри, на крајот на денот, селекција која вечерва ја забележа својата втора победа од осамостојување.

Натпревар кој го загубивме уште пред да започне, со поставка на играчи кои по вторпат на ова првенство ни покажуваат дека уште „се во јасли“, дека перспективно во иднина МОЖЕБИ ќе бидат носители, но во моментов, на ова високо ниво се во најмала рака залутани. Играчи кои играат во ранг на натпреварување, против екипи кои „се собираат“ трипати неделно според сопствена желба. Такви играчи, кои уште еднаш ќе повторам, во иднина МОЖЕБИ ќе имаат квалитет за достојно преставување на нашата држава, нашиот стручен тим од неколку бивши истакнати репрезентативци на самиот старт на мечот ги постави на клучни позиции. Напоменав и после претходниот пораз од Словенија, во ситуација кога Игор Ѓорѓиев беше изваден од игра после 7-8 минути и „закован“ на клупа, што е редок преседан во врвниот спорт да спремаш играч подолг период и на први „промашени“ минути да ја изгубиш довербата во истиот, но еве повторно истата грешка, овој пат со вкалулиран ДДВ во неа, во ситуација кога Велковски го менуваш со Серафимов. После само 5-6 минути, во кои Вујовиќ како преден играч имаше две три пресечени топки и лесни релаизации, Ѓорѓиев беше „прочитан“ дека користи промена правец во послаба страна, а Костески по промашен зицер си разменува погледи со судиите, резултатот на семафорот гласеше 1:5. Тука заврши натпреварот, иако Кузмановски и Миркуловски заедно со денес повторно солидниот Томовски и особено Митревски направија се да ја вратат назад. За жал безуспешно.

ХАЛФОВИ БЕЗ ГАНАРИТ И ЕДНА АЛТЕРНАТИВА НА „ЦРТА“, РЕУЛТАТОТ Е ТОЈ

Од самиот натпревар кој во голема мера беше „во филмот“ ТИЕ слаби, НИЕ уште послаби, може да се издвојат неколку работи, од типот, катастрофално напаѓавме 5-1, без никаков залет на топка, статично, немавме алтернатива во ситуација кога „статичен“ пивот во нашиот напад не е решение, вториот пивот Ковид позитивен, а трет и четврт пивот не функционални, неможност за напад 7-6 (иако се обидовме како варијанта all in на покер) имајќи предвид дека во отсуство на Стоилов нема адекватен втор пивот во ростер, кога „халфови“ на позиции 2 и 5 ни играат играчи со габарит од 72 кг, кога во иста одбранбена формација ги користиш Горан Крстевски, кој со ништо, ама баш со ништо не се потрудил да го „заслужи“ настапот со националниот дрес и Мартин Серафимов, без физички предиспозиии за позицијата 2-ка, а бараме сериозна поставка во зона….Македонија нема многу играчи кои можат да играат на високо ниво, особено во одбрана, Филип Кузмановски е еден од ретките со Талески и Велковски кои можат да играат во два правци, а од друга страна Кузмановски и Талевски во напад, тоа го имаме и претходно нотирано, се практично неспоиливи. Да не се правиме „генерали после битка“, но во детството имамвме една изрека, „ај да се кладиме“, која во овој случај би гласела: „ај да се кладиме“ дека ако стартувавме натпревар со Миркуловски и Филип Кузмановски, ако беше важно да победиме а на ЕП само тие се бројат, во моментов ќе имавме најмалку два бода на салдото. Најмалку. Со дозирана минутажа на повратникот, со Велковски во полн погон и две измени во фаза напад-одбрана. Ако требаше да поминеме група или да победиме. Доколку ова ЕП беше во план да „создаваме“ тогаш…амбициите никогаш не ги дознавме.

НЕ САМО ШТО НЕ ДОБИВМЕ ИГРАЧ ЗА ПЕРСПЕКТИВА, ПОД ЗАКАНА СМЕ ДА ГИ „ИЗГОРИМЕ“ НАЈМЛАДИТЕ

И за крај на овој дел посветен на, можеби, најслабиот натпревар на нашата национална гордост  во последните неколку години. Многу добро знаеме дека кога во напад „лесно продаваш топки“, борбената готовност во одбрана секогаш е под ризик и е на ниско ниво. Исто така, кога нападот не е стрплив, несигурноста од брзо завршени акции и шутеви од неизградени позиции  се пресликува и во делот на транзицијата, доколку дојде ред да ја имаш. Синоќа нашиот национален тим ја плати сметката на неискуство на водење на селекција на големи натпреварувања, и се ќе беше во ред доколку после овие два порази можевме да кажеме дека „добивме“ еден, два или повеќе играчи во перспектива. Се плашам дека, со „несоодветно ракување“ со млади играчи, особено Ѓорѓиев, па и Костески и Серафимов, можеме истите жаргонски кажано „да ги изгориме“ со трајни последици по развојот на нивните кариери, иако намерата е, верувам, нај добронамерна.

СЛОВЕНИЈА И СО КОМПЛЕТНО НОВ СТАРТЕН ЕШАЛОН ОД ПРЕТХОДНИОТ ДУЕЛ, НА ДОЛГИ ПАТЕКИ НЕМОЌНА ПРОТИВ ФАВОРИТОТ

Покрај нашиот дуел кој, можам слободно да кажам, решаваше за третото место во групата „А“ и директен пласман во следните квалификации, во другиот дуел, Словенија повеќе од 35 минути „машки“ се држеше со најсилниот светски национален колектив во ракометот. За да бидеме до крај коректни, следејќи го стартот на натпреварот и играчите кои го стартуваа истиот, можевме да видиме дека Љубо Врањеш, колку и да го оспоруваме, сепак на првиот дуел со нашата репрезентација се обидел да скрие, заштити, одмори или освежи. Така, Зарабец беше од прва минута во игра, Јанц како десен бек, Хенингман како лев и Потеко како пивот. Овие четворица со нашата селекција, на овие исти позиции не одиграа повеќе од 15 минути. Сепак, ни тоа не беше доволно,  во ситуација кога Словенија со текот на времето паѓаше во ритамот и немаше одговор на (пре)многу расположени играчи на бековските позиции кај данскиот национален тим.

ЦИНДРИЌ И ОДБРАНАТА СО „НАЦИОНАЛИСТИЧКИ“ НАБОЈ И ДОНЕСОА ВАЖНА ПОБЕДА НА ХРВАТСКА

Во „Ц“ групата, која со особено внимание ја следиме имајќи предвид дека Србија и Хрватска се партиципиенти, олимпискиот првак Франција ја „збриша“ Украина со половина сили и закажа „одмаздувачки“ дуел со Србија за квалификациот „пораз“. Во другиот дуел се играше балканското не(спортско) дерби на Хрватска И Србија, дуел кој е повеќе од спорт и кој во овој случај решаваше кој од двете селекции ќе „ја преживее“ првата фаза. Ковид вирусот „ги измеша“ картите до крајни граници, правилата на ЕХФ беа дополнително „масло на огнот“, со новодонесеното правило селеторите да бираат играчи и надвор од списокот од 35. Така, на терен и наклупа ги видовме Муса, Илиќ, Марино Мариќ, играчи кои не(требаше) воопшто да бидат на ова ЕП, или се мислеше дека нема да стигнат да излезат од изолација. Меѓу нив и „малиот генерал“ Лука Циндриќ беше фактор на решавање на натпреварот со својата игра и придонес во клучни моменти. Да не ја занемариме и одбраната на Хрватска, која и без поддшка од голман, предводена од Муса и Јагањац и мотивирана од блиското минато до таван, го одлучи победниот, за конечни 23.20. Србија на која и предстои тежок дуел со Франција, без новозаразениот Петар Џорџиќ како носитал на лев бек и преходно „заразените“ десни бекови на Тони Џерона, го остави целокупниот товар на одличниот Кукиќ и солидниот, на голот, Цупара. Премалку за дерби и противник од ваков калибар.

„РЕВОЛУЦИОНЕРОТ“ ПЕТКОВИЌ ГО ПРЕСЛУША КАНДИДАТОТ ЗА НАЈВИСОК ПЛАСМАН

Русија направи сериозен подвиг совладувајќи еден од главните фаворити пред ЕП, селекцијата на Норвешка. Отсуствотото на голманот Бергеруд, поливалентниот Јоханесен, десниот бек Род го оставија „големиот“ Сандер Сагосен единствена светла точка на бековските позиции, позиции кои се носители на играта на ракометот како спорт. Преполовената Норвешка, налета на новата филозофија наметната од „револуционерот“ на рускиот машки ракомет, Велимир Петковиќ, кој од позиција на селектор остава свој „потпис“ на,пред неколку години, инертаната селекција на најголемата држава во светот. Иако без левак од „голем ков“, со дузина расположени играчи кои играат со десна рака, како лидерот Житников, Котов, Соторотов и несудениот вардарец Санталов, „зборнаја“ тесно со 23:22 ја совлада Норвешка и во последното коло во директен дуел со домаќинот Словачка ќе решава за пласман во следната рунда.

НАЈГОЛЕМИОТ ИЗВОЗНИК НА СТРУЧЕН КАДАР И ПОДМЛАДЕН МУ ОДРЖА ЛЕКЦИЈА НА ЧЕТРИКРАТНИОТ ЕВРОПКСИ ПРВАК

Мометалните „владетели“ на светскиот ракомет, најголемиот извозник на стручен кадар во светот на ракометот последните 10-тина години, актуелните европски прваци, предводени од институцијата Жорди Ривера, со подмалден состав за нов олимписки циклус и „отказ“ од најдобриот Алекс Дујшебаев, а во ситуација кога Европа го „прежали“, шпанскиот национален тим продолжува да „гази“ во „Е“ групата. Значајна победа над четрикратниот првак Шведска, на „грбот“ на феноменалните крилни играчи Гомес Абељо и Ангел Фернандес, „командувани“ од супер-искусниот, Жоан Канелас во поле и супер двоецот на голот Перез Де Варгас и Родриго Коралес. Победа за прво место во групата и полна самодоверба за следната рунда.

По ова што го видовме синоќа од „ракометниот џин“ против Словенија, во натпревар без никакво значење, можеме да се надеваме „на милост“ дуелот во понеделник.

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете