ПРЕСИНГ: Лазаров го надмудри Врањеш, но за победа мораше да селектира пофункционална клупа

„Скандинавскиот“ систем на делување на селекцијата со скромна ракометна традиција ги истакна во прв план Стеинс и Смитс, кои со неверојатна техничка подготвеност и тркачка дисциплина ги претрчаа и надиграа во секој сегмент од играта високите унгарски репрезентативци Бодо, Банхиди, Сипос, Ансин и останатите.

Добредојдовте во мојата најнова ПРЕСИНГ колумна на стартот на ЕП во Унгарија и Словачка

И дефинитивно, македонскиот ракометен национален тим влегува во една нова ера. По повеќе од 20 години репрезентативна кариера, принудно, поради повреда под нејасни околности, капитенот и сега селекторот на тимот, Кирил Лазаров, ја заврши својата блескава репрезентативна кариера, преполна со индивидуални рекорди што се однесува на постигнати голови. Македонија, конечно, и на официјален меч можеше да биде сведок на тоа како ќе изгледа играта на националниот тим без Кирил Лазаров. И богами имаше што да се види…

ГЕНЕРАЦИЈАТА ’96 ЈА ОПРАВДА ДОВЕРБАТА И ГО ПОЛОЖИ ИСПИТОТ

Базирана на генерацијата која намногу ветува(ше), составена од вчера одличниот Томовски на голот, Талески и Велковски како бекови, некоја година помладите Ѓорѓиев и Мишевски, нашата репрезентација храбро и дрско, победнички тргна на натпреварот против поискусниот противник. Одлична 5-1, која доби ветар во грб од вардаровиот „пантер“ на голот, Мартин Томовски и Марко Мишевски како „преден“ играч со солидна висина, изгледаше многу компактно и ја носеше Словенија на моменти да изгледа безидејно и слабокрвно. Искуството на нашиот противник и квалитетот на поединци ја правеше разликата во резултатот во првото полувреме, кое не изнесуваше повеќе од три погодоци. Сепак, словенците се специјалисти за напад на 5-1 и  доколку немате играчи со физички предиспозиции и фокус многу лесно, врз база на својата техничка подготвеност и брзина, со „добар пас“ ќе се „отвара“ простор на страничните позиции. Така беше и овој пат, многу често нашата зона „паѓаше“ на позиција 2 и 5 или имаше асистенции до нивните пивоти (кои во првите 15 минути не ги искористија).

ЃОРЃИЕВ СЕУШТЕ НЕ Е „СТАСАН“ ДА НОСИ ЕКИПА НА ГОЛЕМИ СМОТРИ, ТОА ТРЕБАШЕ ДА ГО ПРЕПОЗНАЕ НАШИОТ СТРУЧЕН ШТАБ

Во нападот, стартувавме со младиот и премногу неискусен Игор Ѓорѓиев, на позиција од фундаментално значење и која покрај играчки (читај ракометни) квалитети, во принцип значи продолжена рака на нашата клупа. Иако резултатот не го кажуваше тоа на самиот старт, сепак се виде дека Ѓорѓиев иако поседува потенцијал, во моментов не може „да носи“ национална селекција на големо натпреварување. Многу брзо беше седнат на клупа и заборавен до самиот крај. Останува малку нејасно, имајќи предвид дека стручниот штаб имаше време да анализира и да согледа преку пријателските натпревари (кои патем беа квалитативно далеку од нивото на ЕП), како може една селекција да стартува натпревар со играч на толку чуствителна позиција и по само 7-8 минути да согледа дека, во моментов, не е најдобро решение. Сепак, грешката беше поправена и на терен се појави уште еден играч од генерација ’96-та, нашиот предводник во следните 10-тина години, Филип Кузмановски. Од тој момент, Македонија покрај агресивната и функционална зона, која беше поддржана од Томовски, доби транзиција на модерна селекција и почна да постигнува голови од полуконтра и т.н продолжен напад.

Пешевски со својот габарит и поставка на линијата од шест метри ги искористи речиси сите употребливи топки, претворајќи ги во погодоци, исклучувања и седмерци. Очекувано, високите централни играчи на Словенија имаа проблем со топките „од земја“ кои Талески, Кузманосвски, Велковски и на моменти Миркуловски ги упатуваа кон нашиот пивот.

ВРАЊЕШ ВО СЕКОЈ СЕГМЕНТ НАДМУДРЕН ОД ЛАЗАРОВ, МАКЕДОНИЈА СО НЕФУНКЦИОНАЛНА КЛУПА ИЗВЛЕЧЕ МАКСИМУМ

На другата страна, Љубомир Врањеш, можеби и малку потценувачки, голем дел од натпреварот го играше без Миха Зарабец, држејќи го во игра препотентниот Макуц и од друга страна давајќи му многу значајна улога на двата дела на теренот на Сухолежник, играч кој многу брзо беше „скениран“ од Лазаров и многу често напаѓан и притоа исклучуван за недозволени стартови. Врањеш и самиот призна дека се спремал за Лазаров како играч, што и ние тука го најавивме, но тоа во никој случај не е оправдување за тактичкиот пораз кој го доживеа синоќа од , во моментов, неискусниот, на тренерската позиција Кирил Лазаров. Словенија ниту ја надтрча Македонија, што беше логично и очекувано, ниту пак покажа капацитет за нешто повеќе. Останува да се анализира дали со подобра селекција на играчи, кои ќе дадат ширина на нашата селекција во користење на повеќе од синоќа 10-тина кои имаа некаква улога и кои во одреден сегмент ќе можеа да помогнат, Македонија со ваква тактички, до перфекција, поставена игра можеше и требаше да ја победи, денес, бледата селекција на Словенија и да размислува за втор круг. Таа задача останува на нашиот стручен штаб за иднината.

НЕДОСТАСУВА ДУЕЛ ИГРАЧ И „ТАЛЕНТОТ“ НА ГЕНЕРАЦИЈА 2002

Кога ќе се повлече црта, може да се биде задоволен од играта нашиот млад тим и може да се нотираат неколку ситуации. Македонија во овој ростер, без Миркуловски, нема дуел играч и тешко прави „вишок“ во тој сегмент и во блиска иднина ќе мора да го создаде, од играчи од типот на Марко Митев или Игор Ѓорѓиев. Но, исто така имаме играчи, и во оваа но и во генерацијата 2002 кои можат да постигнат гол надвор од 9 метри и да „вработуваат“ пивоти. Имаме сериозен голман за долги патеки, кој уште некоја година ќе биде поддржан од Митревски, но и лево крило во Цветан Кузманоски, играч со одлична техника, лесен чекор и кој има висина но за жал во моментов нема габарит за да покрие една позиција во одбранбена зона. Марко Мишевски, иако е млад за да го ограничуваме е нашиот специјалист за одбрана и може да покрие на повеќе позиции, но мора под хитно да најде клуб каде ќе троши минутажа. И конечно, за да може да се носи со нај силните и  да ја продолжи традицијата на учество на големите настани, оваа група играчи, ослободена од искусните Стоилов, Миркуловски, Георгиевски ќе мора „да ја почека“ ракометно талентираната 2002-ра генерација, создавајќи комбинација за следните 10-15 години.

СКАНДИНАВЦИТЕ СПОРЕД ВОЗНИОТ РЕД, УНГАРИЈА ШОКИРАНА ОД БРЗИТЕ ХОЛАНЃАНИ

Во останатите синоќешни натпревари, дербито на вечерта, очекувано им припадна на французите во дуелот со Хрватска. Без Дувњак и Циндриќ, со многу измени во составот од претходните големи натпреварувања Хрватска иако резултатот тоа не го кажува, во ниту еден момент не беше во ситуација за освојување бодови. Сепак, Хрвоје Хорват, во оваа ситуација извлече максимум, внесе многу млади играчи кои во понатамошниот тек од ЕП ќе бидат поддршка на главните „ѕвезди“ на „коцкастите“.  Франција и понатаму демонстрира физичка сила за почит, тркачки квалитети и одрбрана поддржана од Винсент Жерард. Доколку Карабатиќ ја крене формата ќе биде сериозен кандитат за медал.

Србија со комбиниран тим, на крилјата на средниот бек Кукиќ, кој го одигра својот најдобар натпревар во националниот дрес лесно ја совлада Украина, која и пред првенството важеше за аутсајдер. Во ваква ситуација Србите ќе бројат денови и часови до комплетирање и приклучување на што повеќе „заразени“ играчи до големото дерби во сабота против Хрватска.

Скандинавските селекции, очекувано, ги збришаа своите противници и најавија кандидатура за делба на медалите. Данска, Норвешка и Шведска во ниту еден момент немаа проблем да обезбедат убедливи победи во дуелите Црна Гора, Словачка и Босна и Херцеговина. За разлика од Данска каде Микаел Хансен доминираше со 10 постигнати голови, кај останатите две скандинавски репрезентации погодоците беа рамномерно поделени на повеќе играчи.

Од „големите“ селекции Шпанија виде најмногу мака на стартот на ЕП, во дуелот со Чешка и на некој начин ја потврди тезата дека на ова натпреварување нема состав за влез во полуфиналето. Сепак, на стартот сме каде што фаворитите сеуште темпираат форма за завршните борби.

За крај, изненадувањето на вечерта го приреди „малиот генерал“ Лук Стеинс и другарите од холандската репрезентација совладувајќи го домаќинот Унгарија, селекција која влезе со големи амбиции во шампионатот имајќи предвид генерацијата играчи која години наназад се подготвуваше за овој настан и поддршката од трибините. „Скандинавскиот“ систем на делување на селекцијата со скромна ракометна традиција ги истакна во прв план Стеинс и Смитс, кои со неверојатна техничка подготвеност и тркачка дисциплина ги претрчаа и надиграа во секој сегмент од играта високите унгарски репрезентативци Бодо, Банхиди, Сипос, Ансин и останатите.

Ракометниот циркус стартуваше. Денес не очекуваат три нови дуели.

Да уживаме!

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете