Преминот на Мандалиниќ во Еурофарм Пелистер – во ТОП 10 трансфери во Лигата на Европа

Трансферот на Стипе Мандалиниќ од Фуксе Берлин во Еурофарм Пелистер се најде на рангирањето на ЕХФ за ТОП 10 трансфери во Лигата на Европа.

Тој е најзвучното име од странските засилувања што дојдоа во Битола ова лето и нема сомнеж дека ќе биде голем адут на тренерот Жељко Бабиќ на домашните, регионални и европски битки.

„Откако беше отпуштен од Фуксе Берлин за време на здравствената криза, Стипе Мандалиниќ реши да тргне по пат што е помалку трнлив од Бундес лигата и се приклучи на новиот проект на Еурофарм Пелистер. Овој 27-годишен лев бек имаше моменти на брилијантност низ годините, но никогаш не оствари константност во формата. Ова му е одлична шанса да експресно да стане херој во Битола, нема да треба да мине многу време за да висиме дали овој трансфер е исплатлив и за двете страни“, се вели во анализата на ЕХФ.

Трансферот на Мандалиниќ се најде на седмото место, а кога ќе се погледнат другите имиња на листата сигурно дека требаше да има место за Златко Хорват, евентуално Бранко Канкараш, кои пристигнаа во Металург.

Најдобар трансфер во Лигата на Европа според ЕХФ е оној на Мортен Олсен од Хановер во ГОГ, пред преселбата на Лукас Нилсон од Кил во Рајн-Некар Левен и Ласе Андерсон, кој пристигна во Фуксе Берлин од таборот на Барселона.

Во ТОП 10 се најдоа и трансферите на Агинагалде од Келце во Бидасоа, Алексис Боргес од Порто во Монпелје, Тимо Кастенинг од Хановер во Мелсунген, Рене Тофт Хансен од Бенфика во Силкеборг, Омар Магнусон од Алборг во Магдебург и на Вид Кавтичник од Екс во Ним.