„Преговорите со Скубе беа долги и тешки, за него се интересираа и бундеслигашки екипи“

Словенецот Сташ Скубе од 1 јули ќе биде ракометар на белорускиот шампион Мешков Брест со кој потпиша договор на две сезони.

Спортскиот директор на белорускиот првак Павел Башкин, за рускиот „Брз Центар“ откри дека преговорите со Скубе траеле повеќе од месец дена.

„Скубе имаше активен договор со Вардар, но имаше право на раскин. За него се интересираа и неколку бундеслигашки клубови од врвот на табелата, но не оние што играат во ЛШ. За се да заврши во наша полза требаше да помине повеќе од еден месец. Скубе не добиваше плати на време во Вардар, па неговиот менаџер ги доби сите потребни документи за тој да стане слободен играч на 30 јуни и потпишавме договор. За играчот најважни се материјалните услови. Скубе ја знае добро нашата екипа, а знаеше и за промените во екипата и амбициите. Но на прво место секако беше финансиската стабилност. Во Вардар имаше такви проблеми, кои го уништуваат моралот кај играчите“, вели Башкин.

Подготовките на Мешков Брест треба да започнат на 15 јули, а играчите од странство најверојатно ќе дојдат во Брест на 1 јули, за да бидат во карантин две седмици пред да се појават на подготовките на клубот.